ГРЕКО ги објави препораките од Петтиот круг на евалуација – Владата достави препораки за имплементација

25.06.2019 Новости

Министерството за правда го објавува Извештајот на ГРЕКО за Евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг, во кои ГРЕКО упати вкупно 23 препораки на Република Северна Македонија, од кои 9 се однесуваат на централната власт и 14 на органите за спроведување на законот, односно Министерството за внатрешни работи.

 

Петтиот круг на евалуација е на тема: “Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт (највисоките извршни функции) и органите за спроведување на законот“ и истиот започна во 2017 година, со доставувањето на евалуациониот прашалник за овој круг од страна на ГРЕКО.

 

Експертски тим на ГРЕКО ја посети Република Северна Македонија во периодот од 1 до 5 октомври минатата година. Во рамки на посетата беа реализирани средби на Експертскиот тим на ГРЕКО со претставници на Кабинетите на претседателот, премиерот и избрани министри, генералниот секретар на Владата и вработени од Генералниот секретаријат, претставници на Министерството за внатрешни работи и неговите структури, односно Бирото за јавна безбедност, Управата за безбедност и контраразузнавање и Центарот за обука и Комисии како и полициски службеници вклучувајќи и високи полициски функционери.

 

Беа одржани средби со Државната комисија за спречување на корупција, Управата за јавни приходи, Државниот завод за ревизија, Народното правобранителство, Министерството за правда, Министерството за финансии, Министерството за информатичко општество и администрација и со Специјалното јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Исто така експертите разговараа и со претставници на Синдикатот на полицијата, невладини организации, Академската заедница и истражувачките новинари.

 

Врз основ на одговорите на прашалникот и врз основ на информациите добиени од експертската мисија, од страна на експертскиот тим на ГРЕКО за Република Северна Македонија за Петтиот евалуационен круг (составен од експерти од Австрија, Црна Гора, Естонија, Азербејџан и Секретаријатот на ГРЕКО), беше изготвен Извештајот за евалуација за Република Северна Македонија - Петти круг, усвоен од страна на ГРЕКО на 82-рата пленарна седница која се одржа во периодот 18-22 март, 2019 година.

 

Целта на овој Извештај е да ја евалуира ефективноста на мерките на Република Северна Македонија со цел за спречување на корупцијата и промоција на интегритетот кај централната власт (највисоките извршни функции) и органите за спроведување на законот. Извештајот содржи критичка анализа на постоечката ситуција, а воедно упатува и соодветни препораки на државата, чија цел е подобрување на состојбата.

 

Имено, согласно наодите од овој Извештај, ГРЕКО упати вкупно 23 препораки на Република Северна Македонија, од кои 9 се однесуваат на централната власт и 14 на органите за спроведување на законот, односно Министерството за внатрешни работи.

 

Рокот за имплементација на препораките кој го определи ГРЕКО со овој Извештај е 30 септември 2020 година. Во однос на новодоставените препораки до нашата држава, Владата на Република Северна Македонија ги достави препораките до институциите надлежни за нивна имплементација.

 

Би сакале да потенцираме дека дел од институциите веќе работат на имплементација на дел од препораките на ГРЕКО. Министерството за правда е во фаза на изработка на нов Закон за лобирање, во кој се имплементираат сите препораки на ГРЕКО.

 

Министерството за внатрешни работи ја препозна потребата од надминување на одредени состојби за што веќе и пред донесување на препораките на ГРЕКО, презема определени активности со цел надминување на постојната состојба. Во насока на јакнење на интегритетот на вработените, МВР во изминатиот период презеде мерки за екипирање на Одделението за превенција и интегритет во рамките на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди со задача да презема превентивни активности во насока на јакнење на полицискиот интегритет и борбата против корупција.

 

Понатаму, одделението почнувајќи од март минатата година, во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права и Здруженија на новинари на Македонија подготви програма за јакнење на полицискиот интегритет чија целна група се сите полициски службеници во секторите за внатрешни работи и регионалните центри за гранични работи. Исто така, во изминатиот период Mинистерството за внатрешни работи започна подготвителни активности за изработка на План за интегритет за сите вработени. Во таа насока е формирана и работна група и подгрупа чија задача е да изготват анализа на ризик од корупција за сите работни места во МВР. Во моментот членовите на работната подгрупа работат на согледување на работните места односно на степенот на изложеност на ризици од корупција.

 

Во однос на професионалноста на носителите на јавна функција, уште во март минатата година Владата на Република Северна Македонија, во рамки на Планот 3-6-9, донесе Насоки за добро управување на избрани и именувани лица во извршната власт. Во документот се содржани основните принципи во вршењето на функцијата, односно: владеење на право, непристрасност, јавен интерес и општо добро, одговорност и отчетност, отвореност и транспарентност, ефикасност, економичност и ефективност, правичност, партиципативност и вклученост, респонзивност, ориентираност кон консензуалност, како и лична одговорност за работата на институцијата.

 

Уште една реформа којашто веќе се реализира, а е дел од последниот извештај на ГРЕКО се однесува на измени на одлуката за формирање на Канцеларија на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Имено, во рамки на Генералниот Секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, веќе е во тек подготовка на изменување и дополнување на Одлуката за формирање на Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, во која попрецизно ќе се утврдат критериуми за договорно ангажирање на советниците на претседателот на Владата. Досега постоеше интерен акт за регулирање на критериумите, односно Правилник за ангажирање на научни и стручни соработници на претседателот на Владата.

 

Во однос на препораката за објавување на имињата и договорните бенефиции, односно платите на лицата ангажирани врз основа на дискреционо право на функционери од централната власт, Владата на Република Северна Македонија уште пред една година ја воспостави Алатката за отчетност, каде се објавени информации за службените трошоци на Премиерот, министрите, замениците министри и државните секретари и Генералниот секретар. Исто така, на веб страните на министерствата се објавени имињата на сите вработени, како и платите на функционерите во рамки на секое министерство.  Истовремено, министерствата и институциите на своите веб страни објавија 21 документ - акти, документи, извештаи, правилници. Направени се законски измени со кои се воведе обврска сите буџетски корисници и јавни претпријатија своите завршни сметки да ги објавуваат на своите веб-страници и да бидат достапни за јавноста. Исто така сменета е веб-страницата на Министерството за финансии, со цел полесен пристап до извештаи и информации за јавноста, коишто се сега достапни и во ексел формат.

 

Во однос, пак, на обврската за јавно објавување на сите присутни на владините седници, истото веќе се прави преку јавно објавување на Записникот од одржани седници на Владата. Исто така, во рамки на Владата на Република Северна Македонија во тек е подготовка на целосно нов текст на Деловник за работа на Владата, што претставува активност којашто е започната пред доставувањето на Извештајот на ГРЕКО.

Линк за превземање на извештајот од ГРЕКО

Со почит,

 

Министерство за правда



 



Автор
Министерство за правда
+389 (0)2 3116 - 493, +389 (0)2 3116 - 648
E-mail: cabinet@mjustice.gov.mk, publicrelation@mjustice.gov.mk
Архива на новости