Апостил / Легализација на документи за странство

 
Апостил печатЛегализација на документи за странство


Министерството за правда врши заверка, односно легализација на документи за користење во странство. Оваа легализација на македонски документи
e наменетa за употреба на лица кои патуваат во странство, со цел да се потврди валидноста на документите кои се издадени од домашните институции.

Постојат две постапки за легализација на документи, во зависност од тоа дали земјата е потписничка на Хашката конвенција за легализација на документи
:
 
[1] Доколку документот се користи во земја која е потписничка на Хашката конвенција за легализација, документот се заверува со Апостил печат, кој е универзален по изглед и содржина.
 
Во нашата држава, заверка на документи со Апостил печат може да се направи во Основните судови во државата на оригиналните документи - освен за заверка на Потврдите за кривична и казнена евиденција што ги издаваат Основните судови, а кои се заверуваат во Министерството за правда.
 
Во Министерството за правда, заверка со Апостил печат се врши на сите документи што се заверени на нотар (вклучувајќи и судски преводи заверени на нотар) или судија кои имаат депониран потпис во Министерството за правда.
 
Со заверувањето на документот со Апостил печат, нема потреба од дополнително заверување на документот.

Официјален список на земји потписнички
 

[2]
Во случај кога документот е наменет за употреба во земја која не е потписничка на Хашката конвенција, оригиналните документи најпрвин се заверуваат во судот, потоа во Министерството за правда со текстуална заверка, а на крајот во Министерството за надворешни работи.
 
Потврдите за кривична и казнена евиденција се заверуваат во Министерството за правда, а потоа и во Министерството за надворешни работи.
 
 
 
Како?
 

Во архивата на Министерството за правда поднесете барање и во прилог доставете ги документите кои сакате да ги заверите со Апостил печат или да направите текстуална заверка.
 
Лицето на кого гласат документите треба да биде лично присутно или доносителот на документите да биде овластен со полномошно заверено на нотар, фирма или адвокат во зависност од сопственикот на документите.
 
На шалтерот во Министерството за правда се врши проверка на подносените документи и се даваат инструкции за уплатата на административната такса.
 
Заверката на документите се врши во рок од еден ден.

 Плаќање на административна такса
 
За една заверка потребно е да извршите уплата на административна такса во износ од 100 денари, а за секој додатен примерок уште една административна такса во износ од 50 денари. Плаќањето се врши на уплатници ПП50.

Плаќањето на таксата се врши за секое барање посебно.