И З В Е С Т У В А Њ Е
Почитувани граѓани,
Министерството за правда ги повикува граѓаните, здруженијата, научната и стручната јавност активно да се вклучат со свои мислења, сугестии, забелешки и предлози во врска со Нацрт-стратегија за понатамошно спроведување на реформата на правосудниот систем и со тоа да дадат придонес во креирањето на системот во кој судските реформи ќе бидат гаранција за почитување и заштита на човековите права и слободи.
Владата на Република Македонија и Министерството за правда заради обезбедување ефикасно, независно и самостојно судство, како еден од клучните приоритети за втемелување на принципот на владеење на правото и основа за стабилен правосуден систем во Република Македонија се цврсто определени да продолжат со интензивирање на реформските процеси во сите сфери на општественото живеење и исполнување на стратешките цели за интеграција во евро-атланските структури.
Преку реализација на мерките и активностите што произлегоа од Стратегијата за реформа на правосудниот систем од 2004-2007 година, работата на Министерството за правда беше насочена кон реализација на судските реформи како реален процес кој постојано се унапредува и надградува во согласност со најновите меѓународни стандарди и правила. Анализата на постојната легислатива од областа на правосудството во Република Македонија и искуствата од досегашната нејзина примена ја наметнаа потребата од надградување и подобрување на правната рамка во оваа област. Во таа насока Министерството за правда изготви Нацрт-стратегија за понатамошно спроведување на реформата на правосудниот систем.
Надградбата на правосудниот систем во Република Македонија, насоките за идната реформа и активностите што треба да се спроведат се засновани врз конкретни искуства од практичната примена на законите, од анализите, мислењата и сугестиите дадени од страна на адвокати, судии, јавни обвинители, странски и домашни експерти од оваа област, врз компаративните искуства од европските држави, пред се меѓународните стандарди содржани во релевантните документи. Заклучоците и насоките за идната реформа произлегуваат и од работата на Советот за реформи во правосудството; од серијата стручни и јавни расправи и трибини одржани од страна на Здружението на судии на Република Македонија, Здружението на јавни обвинители, Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Кардс - Твининг ЈОРМ проектот; од анализите на Министерството за правда и од мислењата и сугестиите на правосудните институции во Република Македонија како и од експертските мислења на релевантните меѓународни организации.
Почитувани граѓани,
Вашите мислења, забелешки и предлози во однос на текстот на Нацрт-стратегијата ќе бидат од исклучително значење во дефинирањето на идните насоки и реализација на реформите на правосудниот систем. Вашите предлози, Ве молиме да ги доставите на нашата електронска адреса: strategija@mjustice.gov.mk или во писмена форма до Министерството за правда Бул. Димитрие Чуповски бр.9 1000 Скопје.